Olive Garden е првото и засега единственото extra virgin маслиново масло, кое е произведено целосно во Македонија, од нива до трпеза. Маслиновите насади на семејното земјоделско стопансто „Маслинова градина“ на семејството Аврамовски, веќе дваесетина години растат во валандовското село Пирава, каде на 20.000 квадратни метри се засадени над 800 стебла од сортите Chalkidiki, Ascollana и Picual.
Производството, одржувањето, продажбата, маркетингот и доставата се обврски на сите членови на семејството Аврамовски, кои се убедени дека тоа е гаранцијата за квалитет на нивниот производ.
Александар вели дека тие постојано се едуцираат за најновите технологии кои обезбедуваат и највисок квалитет на продуктот. Но, тој вели и дека технологијата е само алатката, бидејќи вистинската тајна на Olive Garden е во страста, традицијата и љубовта кон она што го прави неговото семејство.
Новинар – Сања Наумовска
Александар, раскажете ни ја приказната за Olive Garden-Маслинова градина.
Приказната на Маслиновата градина започна во 2008 година сосема случајно, кога одлучивме да посадиме маслинови дрвја бидејќи живееме во Валандовскиот регион, каде што успеваат медитеранските растенија, поради благата, медитеранска клима. Маслиновите дрвја ги набавивме како едногодишни расади од Грција и од тогаш до сега поминаа 18 години, кои воопшто не беа лесни. Во тој период поминавме многу време во едуцирање, учење, работа и нега на нашите насади и денеска можеме да кажеме дека со нашата истрајност и посветеност, успеавме да ги постигнеме саканите резултати.
Зошто се одлучивте да засадите токму маслинки и да произведувате маслиново масло, како дојде таа идеја?
Производството на маслиново масло беше очекувано, со оглед на тоа дека насадите напредуваа одлично, а ние паралелно размислувавме што ќе правиме со родот. Одлучивме дека сакаме да произведуваме наше маслиново масло и тоа ладно цедено, да создадеме свој бренд, бидејќи бевме убедени во нашата рецептура и во квалитетот на суровината која ја имаме. Од тие причини, во 2023 година направивме производствен и складишен простор, а во 2024 година купивме современи машини и опрема. Првите количини Olive Garden extra virgin маслиново масло, целосно македонски производ, од нива до трпеза, беа произведени во 2024 година.

Какви се вашите планови за во иднината? Планирате ли да го зголемувате насадот, производството, да се проширите на други пазари?
Секако, во план ни е да го зголемиме производство на нашето extra virgin маслиново масло. Сепак сакаме да го задржиме типот на бутик производство, како гаранција за кавалитет. Понатаму, во моментов сериозно работиме на промоција на нашето маслиново масло и надвор од границите на нашата земја, бидејќи еден од нашите планови е и освојување на нови пазари.
Освен тоа, остануваме посветени на тоа што го правевме и досега, постојано ќе работиме на наша едукација, а целта ни е да бидеме во тек со последните новини во процесот на производство и складирање на маслиново масло, бидејќи сакаме да бидеме што поблиску до светските стандарди.

